Sunday, July 3, 2016

Body Double како омаж на Rear Window

       
                                                                                   
Брајан де Палма е еден од од најексцентричните претставници на Новиот Холивуд. Овој период во Холивуд представува една од најголемите пресвртници во холивудската историја и донесе нови стандарди кои потикнаа ослободување од репресивните ограничувања предизвикани од Хејсовиот кодекс кој престана да важи при крајот на шеесетите. Ваквата ситуација беше повеќе од поволна за голем број на млади режисери кои беа растени во духот на шеесетите. Еден од нив беше токму Брајан де Палма. Неговото творештво започна креирајќи филмови кои беа под влијание на Жан Лук Годар, за да подоцна со Sisters (1973) започне неговата втора фаза која е под директно влијание на Алфред Хочкок. Body Double (1984) е еден од неговите најрепрезентативни филмови во кои се приметува влијанието од големиот великан на трилерот, имено Хичкок е режисерот кој го доведе до совршенство овој жарн и ги воспостави стандардите за тоа како треба да се снимаат филмови кои изобилуваат со сцени кои предизвикуваат кај гледачите ефект на напнатост и изненадување. Де Палма, пак, успешно го апсолвирал филмскиот јазик кој го усовршил Хичкок. Според мене Body Double представува најеклатантен пример за ваквата постапка.


Способноста за иронизација и хиперболизација, како негова препознатлива црта, е видлива уште при самиот почеток на филмот кој започнува со сцена која се одвива на филмски сет каде што се снима хорор филм од Б-продукција. Исто како и во Blow out (1981) уште на самиот почеток на посреден начин се поигрува со побликата укажувајки ни на илузивната моќ на филмот. Џек Скали (Craig Wasson) и Сем Бушард (Gregg Hanry) кои се типични ноаровски ликови, едниот тип на жртва, а другиот тип на психопат, вешто се вклупуваат во овој измутиран ноар. Заплетот и ликовите во Body Double се ноаровски, но сепак Де Палма не ги користи кодовите на жанрот во целост, освен предходно споменативе кои се наративни кодови. Периодот на препород во Холивуд, 1967-1976, представува фаза на сукцесивен напредок на естетско и тематско ниво, кое трансформира неколку главни жанрови, а е и главно препородување за филм ноарот.[1]


Воајерксиот карактер на Скали ни се протнува под кожа, исто како оној на Jeff Jefferies (James Stewart) во Rear Window (1954). Но Скали e далеку попервезен и растеретен од моралните облигации кои го карактеризираат перидот на Хејсовиот кодекс. Како Де Палма намерно да го остава да гледа повеќе од колку што е потребно - за да просечниот гледач ја прими таа информација – кога за првпат ја гледа својата сосетка Gloria Revelle (Deborah Shelton), односно Holly Body (Melanie Griffith). Покренат од либидото за да ја разреши мистеријата, за разлика од моралниот императив на Џеф, Скали се впушта во перверзниот свет на порно индустријата во кој брзо се прилагодува. Во Body Double воајеризмот е во потполност во основа на драматургијата. Главниот лик станува жртва на заверата затоа што е воајер. Тој истиот воајеризам му помага да излезе од скоро безизлезната ситуација и самиот да го разреши случајот.[2] Во Rear Window првото среќавање помеѓу Џеф и Lisa Fremont (Grace Kelly) почнува со бакнеж кој делува сонливо. Лиза му се доближу во крупен план на Jeff и го покрива со нејзината сенка, тој се буди и се бакнуваат. Бакнувањето се гледа забавено. Алузијата помеѓу сонот и филмот е очигледна во оваа сцена. Де Палма во Body Double во сцената со следењето на Глорија од страна на Скали, кога тие двајцата се бакнуваат вртејќи се во круг, прави еден експресивен рез додека со кружно движење ги прати камерата. Ги следи една сонлива кичеста мелодија додека тие воздивнуваат така да прави од самата сцена една пародија, но од друга страна добиваме логичен завршеток на либидиналната желба. Ваквото разголување на филмскиот јазик е честа постапка во постмодерните филмови на Де Палма. Во Rear Window во споменатата сцена паратекстуално се потенцира фиктивниот карактер на филмот како медиум, исто и во Body Double но хиперболизирајќи ја самата постапка. Неизбежно е да се спомне и цитирањето на Vertigo (1958), во сцената кај тунелот каде Скали добива вртоглавица предизвикана од неговата клаустрофобичност.
Eксцентричниот јазик на Де Палма влече корени и од Giallo филмовте. Графичкото насилство е видливо во сцената каде маскираниот Сем ја издупчува Глорија со бургија. Иако не е прикажан чинот експлицитно, сепак делува шокантно.


Де Палма кој во седумдесетите го развива својот стил во духот на Новиот Холивуд креира еден компактен филм при самиот завршеток на овој правец. Тој ја користи вештината на Хичкок со која ние гледачите сме ставени како активни посматрачи на ситуацијата над која немаме контрола, додека некој од ликoвите се наоѓа во опасност. Оваа вештина е доведена до совршенство во Body Double. Новата продукција, за разлика од периодот кога творел Хичкок, овозможува поизводлива интегрална нарација во кадрите со движење. Долгите фарови и кранови, кои се најизменично гледани од субјективена перспектива, овозможуваат и во овој филм јако сугестивно чуство на поистоветување со главниот лик. Спрема Базен, монтажата само ја намалува двосмисленоста на стварноста, приморувајќи ја да поприми одредено значење (односно приморувајќи го филмот да стане дискурс), па логично е да снимањето на долги и длабински кадри повеќе е верно кон стварноста, затоа што во еден ист дел на филмот покажува повеќе стварност, и затоа што сè што покажува на гледачите, по важност, го става на исто рамниште.[3] 

                      Филип Миовски


 [1] Ksenija  Zelenović,  Neonar u savremenoj holivudskoj produkciji: nachela obnova klsićnog noira , Beograd, Filmski Centar Srbije, 2012, str. 122
[2]  Dragan Jeličić, Nebojša Pajkić, Novi Holivud, Beograd, Clio, 2002, str. 71

[3] Žak Omon, Alen Bargela, Mišel Mari, Mark Verne, Estetika Filma, Beograd, Clio, 2006, str. 69     


  • Omon, Žak, et al.  Estetike Filma, Beograd: Clio, 2006.
  • Jeličić, Dragan, Nebojša Pajkić,  treće ispravljeno I dopunjeno izdanje,  Novi Holivud, Beograd: Clio, 2002.
  • Zelenović, Ksenija.  Neonoir u savremenoj holivudskoj produkciji: načela obnove klasičnog noira,  Beograd: Filmski centar Srbije, 2012.
  • Body Double, Brian de Palma, Columbia Pictures, 1984.
  • Rear Window, Alfred Hitchcock, Paramount Pictures, 1954.
  • Vertigo, Alfred Hitchcock, Paramount Pictures, 1958.
  • Blow out, Brian de Palma, Filmways Pictures, 1981.
  • Sisters, Brian de Palma, American International Pictures, 1973. 




                

No comments:

Post a Comment