Wednesday, February 12, 2014

Интервју со Јан Харлан, извршен продуцент и соработник на култниот филмски автор Стенли Кјубрик



Кјубрик беше најмногу строг кон самиот себе



       1.    Последниот филм на Кјубрик е „Очи широко затворени”. Тој го сметаше ова остварување за негов најдобар придонес кон седмата уметност. Но помалку е познат фактот дека идејата за екранизирање на новелата на Артур Шницлер, врз која е базиран филмот, кај Кјубрик созревала повеќе од три декади. Зашто уште во седумдесетите Кјубрик не го реализираше проектот? И зошто токму „Новелата за соноткако повеќедецениска инспирација и опсесија? 
Имаше два проблема: „Новелата за сонотна Артур Шницлер е интровертна приказна, која всушност не може да се преточи во филм, а сите во публиката се екксперти за темите на љубомора и сексуална фантазија. За вас би бил интересен фактот дека Сигмунд Фројд го нарекол Шницлер негово алтер его. Стенли Кјубрик се бореше со ова: во почетокот на осумдесетите години, сакаше да сними црно-бел филм со Вуди Ален во главната улога, значи типичен уметнички филм со Ален во улогата на еврејски доктор во Њујорк. Отсекогаш дејството беше сместено во Њујорк. Она што го фасцинираше Кјубрик во приказната беше безвременоста и таа може да биде раскажана во кој било град во западниот свет. Но Кјубрик во тој период го напушти проектот бидејќи не беше задоволен од сценариото. Секогаш беше најмногу строг кон самиот себе.
2. Како изгледаше работата, целиот процес на снимање на овој тестаментален филм?
Снимањето течеше споро. Бевме само неколкумина, релативно мала екипа и на Кјубрик му требаше време – многу време. Сцените со улиците во Њујорк беа снимени на сет изграден во студијата Пајнвуд во Лондон. Обезбедивме пет њујоршки жолти такси возила и други карактеристични американски реквизити и создадовме илузија на грандиозност преку сцени снимени од помошната екипа во Њујорк без глумците.
3. Зошто изборот за носителите на главните ролји падна токму врз тогаш, брачниот пар, Том Круз и Никол Кидман?
Стенли се имаше одлучено за Том Круз од самиот почеток откако почна повторно да размислува да ја филмува приказната. Веќе го имаше ангажирано Том Круз и бараше глумица за насловната женска улога, па ја виде Никол Кидман во филмот „Вреди да се умре“ на Гас Ван Сент и примети колку и беше издржана глумата во крупен план во долгите сцени. Фактот дека беше во брак со Том Круз не се сметаше за предност – Стенли Кјубрик не сакаше да ангажира брачна двојка.
4. Во филмот се појавува и Раде Шербеџија, еден од најпознатите актери од поранешните ЈУ простори...
...Одличен лик и одличен глумец – неговиот избор за улогата беше брилијантна. Стенли за оваа улога сакаше мистериозен странец.
5. Можете ли да ни пренесете барем дел од работата врз „Одисеја 2001 во вселената“, филм кој има извршено пресудно влијание врз генерации филмски автори, од холивудските гиганти како Лукас и Спилберг, до експериментални филмски творци како Гаспар Ное? Овој филм, не само што го промени жанрот на научната фантастика, туку претставува и филозофски, па и психоаналитички, најдлабоко патување на човекот, надвор од границите на нашата планета, но и истовремено и внатре длабоко во нашето колективно несвесно.
Не работев на овој филм. Му се придружив на Кјубрик во 1969 год. на филмот „Наполеон“.
Мојот придонес во “Одисеја во вселената“ е чиста случајност. Кјубрик бараше „голема и импресивна“ музичка нумера – моќна и кратка. Во тоа време живеев во Цирих и го посетив за време на снимањето каде што ме замоли да побарам музика која одговара на описот. Една од плочите што ги земав со себе беше „Така зборуваше Заратрустра“. Му се допадна како почнуваше музиката со фанфари – беше токму она што го бараше. И веќе му се допаѓаше и насловот. Подоцна кога го видов филмот сфатив зошто.
6. Во едно интерјву велите дека Кјубриковиот излет во жанрот на хорор филмовите, како  во „Сјаење“ е условно направен да нема смисла... Донекаде се чини пак, по повеќекратно гледање, дека филмот во својата суштина има некаква сопствена логика, можеби логика на кошмарен сон?
Какво и да е твоето гледиште треба да е точно. Многу луѓе би се согласиле со тебе. Стенли се имаше ослободено од каква било конвенција или логика.
Огромните простории не се совпаѓаат со надворешноста, нема објаснување зошто Џек Торанс го има на фотографија од 1923 год., батлерот Грејди му вели на Џек дека тој отсекогаш бил одговорен за хотелот. „Знам“ тој вели, „Отсекогаш сум бил тука.“
Една од вообичаените реченици на Кјубрик кога стануваше збор за мистериозните случки во „Сјаење“ беше: „Никогаш не се обидувај да објасниш нешто што и самиот не го разбираш.“
7. Бери Линдон е еден од најубавите филмови снимени до ден денес, особено е ценет во Франција. Како Кјубрик и неговиот директор на фотографија успеаја да ја достигнат визуелната совршеност во ова остварување?
Една од целите на Стенли беше да ја долови атмосферата на последните години од 18тиот век, која што е толку добро претставена од великаните во сликарството. Светлината од свеќите, огинот, месечината – овие беа единствените извори на светлина по зајдисонце. Стенли веќе имаше експериментирано со брзи леќи за време на подготовката на „Наполеон“, но подоцна ги пронајде 50 мм леќи на Зеис со отвор од ф 0.7. Овие леќи биле направени за сателитско фотографирање каде отсуството на длабочината на видното поле не е важно. Требаше да се направат големи напори за да се совпадне леќата со филмската камера и беше исклучително тешко да се користи заради постоечкиот недостаток на длабочина на овој ф-стоп. Преку прецизно дизајнирање се дојде до резултат на кој што Стенли се надеваше. Со овој филм Кјубрик уште еднаш направи пресврт во историјата на филмот, во овој случај од кинематографскиот аспект. Денес, и филмската лента и леќите се многу побрзи (ф 1.2 е стандардот) и дигиталната фотографија го смени во целост процесот на снимање филм.
8. Зошто Кјубрик се одлучи за екранизација на книжевното дело на Текери?
Се сеќавам кога на Стенли му беше поставено истово прашање. Неговиот одговор беше: „Тоа е исто како да ме прашувате зошто стапив во брак со мојата сопруга.“
9. Легендарниот „Пеколен портокал“ е синоним за култен филм и до ден денес. Можеби уште поактуелен е во овие чудни времиња. Брилијантна филмска концептуализација на новелата на Ентони Барџес...
Во тоа време филмот предизвика бурни реакции до тој степен што Кјубрик и Ворнер Брос одлучија да го повлечат филмот од дистрибуција во Обединетото Кралство. Филмот не е толку шокантент денес и публиката може јасно да го увиди хуморот и сериозните прашања кои ги отвара филмот. 
10. Како го избравте токму Малком Мекдауел за улогата на Алекс? Дали неговата улога во „Ако“ на Линдзи Андерсон имаше влијание врз неговиот кастинг?
Секако. Кјубрик го избра Малком Мекдауел откако го гледаше „Ако“. Други глумци никогаш не беа земени во обѕир. Филмот беше значаен за Малком Мекдауел бидејќи го вивна во ѕвездите.
11. Пред овој филм работевте и на „Наполеон“, филм кој не се реализираше иако влезе во длабока фаза на претпродукција. Кјубрик со години работеше и на проектот „Ариеви документи“, кој исто така не ја здогледа светлината на денот, а „Вештачка интелегенција“ го доврши Спилберг...
Тоа е точно. „Наполеон“ му беше една од неговите омилени теми и Кјубрик беше многу разочаран кога МГМ одлучи да не го финансира проектот после долг период на подготовки. За Кјубрик, ликот на Наполеон, таа мешавина на „гениј и будалетинка“ е од голема важност за сите нас и ден денес. Стенли имаше обичај да каже, и го цитираше Наполеон како пример, дека се залажуваме самите себеси кога веруваме дека се водиме единствено од рационална мисла – но она што е важно е дека нашите емоции се основата на нашите одлуки.
Тоа е секако голема тема.
Во врска со „Вештачка интелегенција“ – приказната му се допаѓаше на Стенли и имаше работено на неа десетина години. На крајот одлучи да му ја понуди на Стивен Спилберг. Сметаше дека оваа мрачна приказна треба малку да се „развесели“. Според него, Стивен Спилберг едноставно беше подобриот режисер за тој филм. Жал ми е што не успеа да го види крајниот резултат, сигурно дека ќе му се допаднеше.
12. Покрај соработката на Кјубрик, вие како режисер имате потпишано неколку проекти. Малку повеќе за овој аспект од вашето творештво?
Работев само на документарци и уживав додека ги правев. Имав среќа што Ворнер Брос ми дозволија да го снимам филмот „Стенли Кјубрик: Живот во слики“ како и „Среќлијата Малком“, кој што е филм за глумецот Малком Мекдауел. Исто така снимив и филм за еден меѓународен младински оркестар и кратки филмови со студенти и бев продуцент на „бонус материјал“ за Ворнер Брос, итн. Никогаш не би се обидел да снимам долгометражен филм и си давам слобода да ја додадам познатата изјава на Гручо Маркс кога ќе кажам дека не би сакал да гледам долгометражен филм кој што јас сум го снимил.
13. Ви недостига ли Стенли?
Многу! Да беше жив веројатно ќе бев дел од „Ариевите документи“, приказна која се базира на ремек делото на Луис Бегли „Воените лаги“. Стенли сметаше дека филмот е премногу тежок да се сними, но сепак дека е многу битен за да се осмели да го направи.

Февруари 2014
 Јане Алтипармаков (авторот на интервјуто е режисер и филмски проследувач)