Sunday, July 2, 2017

Полугодишен Топ 10




1. Get Out (2017)

2. Afterimage (2016)

3. David Lynch: The Art Life (2016)

4. Endless Poetry (2016)

5. The Last Family (2016)

6. The Student (2016)

7. Another Evil (2016)

8. Donald Cried (2016)

9. The Salesman (2016)

10. Gimme Danger (2016)

http://www.imdb.com/list/ls064232981/?publish=save

Thursday, April 6, 2017

Рецензија - Ghost in the Shell

Не се сомневав дека Ghost in the Shell ќе ми се допадне од две причини. Прво, се работи за reboot на култниот анимиран филм кој се појави во 1995 година. Потоа следеа продолженијата Ghost in the Shell: Stand Alone Complex и Ghost in the Shell 2: Innocence. Втората причина беше долгиот временски период од излегувањето на анимето до филмот, што беше доволно долг за да го заборавам дејствието, па така можев непристрасно да уживам во филмот, ослободен од каква било споредба со анимето. Сепак си дадов задача да го изгледам анимираниот филм, по гледањето на филмот, за да можам да ја направам споредбата која е нужна за поцелосна рецензија.



Мира Килиан (Скарлет Јохансон) – која е всушност кибернетски организам, односно мозок пресаден во механичко тело кое е нејзината школка – работи за антитерористичката организација Section 9. Таа има за задача да дејствува превентивно на една бизнис конференција. Присутните на таа конференција ќе бидат нападнати од терористи кои ќе успеат да хакираат еден од присутните, крадејки од него битни информации. Мира има за задача да го пронајде хакерот, но повремено добива нејасни сензации – гличеви, односно сеќавања од нејзиниот претходен живот. Овие сеќавања се, всушност, нејзиниот дух кој ja открива нејзината претходна егзистенција.



Сличноста со RoboCop е веќе очигледна. Филмот продолжува да се развива во насока што има предвидлив заплет и антиплан кој веќе е типичен за голем број на cyberpunk филмови. Приказната ја задржува суштината од анимираниот филм, но е многу поедноставена, што до негде и не е така лошо сценаристичко решение. Вака филмот, ослободен од премногу hi-tech информации, добива природен тек и е полесен за следење, но ја губи аурата што ја носи оригиналот.



Не толку филозофски, како изворниот GITS, колку што е дидактичен, овој дистописки трилер има во себе доволен емотивен полнеж за да  го задржи вниманието и да ве воодушеви со целата стилизација што има да ја понуди, почнувајќи од холограмите и оружјето, па сè до самата архитектура и уличните светлосни реклами. Специјалните ефекти и сетингот совршено создаваат една слика на cyberpunk милје, какво што ретко се гледа во научно-фантастичните филмови. Музиката за GITS е компонирана од Клинт Мансел и е на исто ниво со визуелното.

И покрај тоа што во овој филм се среќаваме со поинаков универзум што е добро смислен и компактен, сепак заплетот на приказната за мене лично беше предвидлив и е послабата страна на Ghost in the Shell.


               Филип Миовски

Monday, December 26, 2016

Топ 10 филмови за 2016






1. The Neon Demon

2. I, Daniel Blake

3. Under The Shadow

4. I, Olga Hepnarova

5. I Am Not a Serial Killer

6. Paterson

7. Elle

8. The Wailing

9. Hell or High Water

10. Trash Fire

http://www.imdb.com/list/ls038928795/?publish=save

Monday, September 12, 2016

Рецензија - The Neon Demon


Пред да се нафатам на рецензијава се одлучив да го изгледам документарецот NWR (Nicolas Winding Refn) (2012). Самиот наслов ни кажува дека се работи за документарен филм што го опфаќа неговото творештво до 2012 година. Од овој филм заклучив дека Николас е, всушност, едно големо дете, во буквална и во фигуративна смисла. На крајот во NWR ги гледаме него и неговата сопруга како купуваат играчки во една голема продавница во Банкок. Ваквиот сензационализам, што ја открива неговата нарцисоидна потреба да биде што повеќе забележан, е уште поочигледен во неговите два документарци за двете големи кризи во неговиот живот: My Life Directed by Nicolas Winding Refn (2014) и Gambler (2006).


Како и да е, дознав дека тој е сосема отворен и едноставен човек, на кој филмот и семејството му се најбитните работи во животот. Неговата потреба да се истакнува е неразделна од љубовта кон филмот, општо земено, а и од потребата да се идентификува со тоа што го создава. Доколку на оваа идентификација – која на моменти оди во крајности – извршиме аналогија со митот за нарцис, можеме полесно да ја разбереме неговата природа, како и неговите филмови. Многумина мислат дека Нарцис се заљубил во себеси свесно, па врз основа на овој податок погрешно ја интерпретираат  нарцисоидноста. Нарцис се заљубил во сопствениот одраз во изворот, мислејќи дека гледа друго момче. Таква била неговата суштина, можел да се заљуби само во себеси. На истиот начин Николас се рефлектира во своите филмови. Неговите слободни асоцијации и рефлексии се јасно видливи и во The Neon Demon.


Протагонистот во приказната е Џеси (Elle Fanning). Таа e прекрасен модел, на кој лесно му се отвораат вратите во Лос Анџелес. Нејзината убавина колку што  ѝ овозможува брз напредок во кариерата толку е и причина за завидливост и злоба од страна на манекенките Џиџи и Сара. Пред сè визуелно впечатлив, овој филм изобилува со совршено искомпонирани кадри и осветлување. Сите општи и специфични филмски кодови се соединети во една компактна целина на едно мајсторско ниво, за што сведочи неговото 23-годишно искуство. На многумина овој филм може да им се види како богато визуелно остварување на кое му недостасува добра приказна, но таквата поставеност на формата и содржината не е случајна. Приказната има свој морал, се заокружува во целина, но сепак може да се толкува на повеќе нивоа доколку се отворат очите за симболите во филмот што ги има во изобилие, а се во меѓусебна корелација, користејќи ја семантичката функција на монтажата. Николас сцените ги режира по хронолошки редослед. Тој тврди дека ваквата постапка му ја поедноставува работата, односно така заштедува енергија за да може да се фокусира на дополнителното градиво на филмот. На овој начин тој има само една верзија на филмот и слобода да ја искористи имагинацијата, соединувајќи се со него и проживувајќи го како внатрешно искуство што праволински еманира нанадвор градејќи една целина. Не случајно, додека траело снимањето, еднаш неделно се среќавал со неговиот добар пријател Александро Јодоровски, за да му гледа на тарот, давајќи му одредени насоки.


Цитатноста како постапка е јасно видлива и во овој негов филм, успешно користејќи го наративниот текст за да искомпонира сегменти од Suspiria (1977).   Користењето на тишината како елемент на наративниот текст во The Neon Demon e доведено до степен на ефикасност каква што е потребна за предизвуквање на страв и напнатост. Влијанието од David Lynch несомнено се забележува во неговиот стил. Музиката за филмот е компонирана од Cliff Martinez и можеби ова е неговиот најдобар soundtrack, кој одлично го коментира, но и учествува во создавањето на гламурот. Ваквата двострана врска е добро избалансирана за да ја постигне потребната иронија. Многу сцени се забавени и овозможуваат да уживаме подолго во композициите со неонско осветлување. Што се однесува до глумата, Elle Fanning со минимални експресии, многу добро го постигнува потребното. Некои од останатите актери потфрлуваат на моменти,  но генерално земено добро си ја обавуваат работата.

Николас има навика при креирањето на секој филм да проба да го опише карактерот на истиот, компарирајќи го со некој музички правец, бенд или музичар. Немам сретнато негова изјава за овој филм, но јас би се дрзнал да го опишам како Tangerine Dream.


                   Филип Миовски






Sunday, July 3, 2016

Body Double како омаж на Rear Window

       
                                                                                   
Брајан де Палма е еден од од најексцентричните претставници на Новиот Холивуд. Овој период во Холивуд представува една од најголемите пресвртници во холивудската историја и донесе нови стандарди кои потикнаа ослободување од репресивните ограничувања предизвикани од Хејсовиот кодекс кој престана да важи при крајот на шеесетите. Ваквата ситуација беше повеќе од поволна за голем број на млади режисери кои беа растени во духот на шеесетите. Еден од нив беше токму Брајан де Палма. Неговото творештво започна креирајќи филмови кои беа под влијание на Жан Лук Годар, за да подоцна со Sisters (1973) започне неговата втора фаза која е под директно влијание на Алфред Хочкок. Body Double (1984) е еден од неговите најрепрезентативни филмови во кои се приметува влијанието од големиот великан на трилерот, имено Хичкок е режисерот кој го доведе до совршенство овој жарн и ги воспостави стандардите за тоа како треба да се снимаат филмови кои изобилуваат со сцени кои предизвикуваат кај гледачите ефект на напнатост и изненадување. Де Палма, пак, успешно го апсолвирал филмскиот јазик кој го усовршил Хичкок. Според мене Body Double представува најеклатантен пример за ваквата постапка.


Способноста за иронизација и хиперболизација, како негова препознатлива црта, е видлива уште при самиот почеток на филмот кој започнува со сцена која се одвива на филмски сет каде што се снима хорор филм од Б-продукција. Исто како и во Blow out (1981) уште на самиот почеток на посреден начин се поигрува со побликата укажувајки ни на илузивната моќ на филмот. Џек Скали (Craig Wasson) и Сем Бушард (Gregg Hanry) кои се типични ноаровски ликови, едниот тип на жртва, а другиот тип на психопат, вешто се вклупуваат во овој измутиран ноар. Заплетот и ликовите во Body Double се ноаровски, но сепак Де Палма не ги користи кодовите на жанрот во целост, освен предходно споменативе кои се наративни кодови. Периодот на препород во Холивуд, 1967-1976, представува фаза на сукцесивен напредок на естетско и тематско ниво, кое трансформира неколку главни жанрови, а е и главно препородување за филм ноарот.[1]


Воајерксиот карактер на Скали ни се протнува под кожа, исто како оној на Jeff Jefferies (James Stewart) во Rear Window (1954). Но Скали e далеку попервезен и растеретен од моралните облигации кои го карактеризираат перидот на Хејсовиот кодекс. Како Де Палма намерно да го остава да гледа повеќе од колку што е потребно - за да просечниот гледач ја прими таа информација – кога за првпат ја гледа својата сосетка Gloria Revelle (Deborah Shelton), односно Holly Body (Melanie Griffith). Покренат од либидото за да ја разреши мистеријата, за разлика од моралниот императив на Џеф, Скали се впушта во перверзниот свет на порно индустријата во кој брзо се прилагодува. Во Body Double воајеризмот е во потполност во основа на драматургијата. Главниот лик станува жртва на заверата затоа што е воајер. Тој истиот воајеризам му помага да излезе од скоро безизлезната ситуација и самиот да го разреши случајот.[2] Во Rear Window првото среќавање помеѓу Џеф и Lisa Fremont (Grace Kelly) почнува со бакнеж кој делува сонливо. Лиза му се доближу во крупен план на Jeff и го покрива со нејзината сенка, тој се буди и се бакнуваат. Бакнувањето се гледа забавено. Алузијата помеѓу сонот и филмот е очигледна во оваа сцена. Де Палма во Body Double во сцената со следењето на Глорија од страна на Скали, кога тие двајцата се бакнуваат вртејќи се во круг, прави еден експресивен рез додека со кружно движење ги прати камерата. Ги следи една сонлива кичеста мелодија додека тие воздивнуваат така да прави од самата сцена една пародија, но од друга страна добиваме логичен завршеток на либидиналната желба. Ваквото разголување на филмскиот јазик е честа постапка во постмодерните филмови на Де Палма. Во Rear Window во споменатата сцена паратекстуално се потенцира фиктивниот карактер на филмот како медиум, исто и во Body Double но хиперболизирајќи ја самата постапка. Неизбежно е да се спомне и цитирањето на Vertigo (1958), во сцената кај тунелот каде Скали добива вртоглавица предизвикана од неговата клаустрофобичност.
Eксцентричниот јазик на Де Палма влече корени и од Giallo филмовте. Графичкото насилство е видливо во сцената каде маскираниот Сем ја издупчува Глорија со бургија. Иако не е прикажан чинот експлицитно, сепак делува шокантно.


Де Палма кој во седумдесетите го развива својот стил во духот на Новиот Холивуд креира еден компактен филм при самиот завршеток на овој правец. Тој ја користи вештината на Хичкок со која ние гледачите сме ставени како активни посматрачи на ситуацијата над која немаме контрола, додека некој од ликoвите се наоѓа во опасност. Оваа вештина е доведена до совршенство во Body Double. Новата продукција, за разлика од периодот кога творел Хичкок, овозможува поизводлива интегрална нарација во кадрите со движење. Долгите фарови и кранови, кои се најизменично гледани од субјективена перспектива, овозможуваат и во овој филм јако сугестивно чуство на поистоветување со главниот лик. Спрема Базен, монтажата само ја намалува двосмисленоста на стварноста, приморувајќи ја да поприми одредено значење (односно приморувајќи го филмот да стане дискурс), па логично е да снимањето на долги и длабински кадри повеќе е верно кон стварноста, затоа што во еден ист дел на филмот покажува повеќе стварност, и затоа што сè што покажува на гледачите, по важност, го става на исто рамниште.[3] 

                      Филип Миовски


 [1] Ksenija  Zelenović,  Neonar u savremenoj holivudskoj produkciji: nachela obnova klsićnog noira , Beograd, Filmski Centar Srbije, 2012, str. 122
[2]  Dragan Jeličić, Nebojša Pajkić, Novi Holivud, Beograd, Clio, 2002, str. 71

[3] Žak Omon, Alen Bargela, Mišel Mari, Mark Verne, Estetika Filma, Beograd, Clio, 2006, str. 69     


  • Omon, Žak, et al.  Estetike Filma, Beograd: Clio, 2006.
  • Jeličić, Dragan, Nebojša Pajkić,  treće ispravljeno I dopunjeno izdanje,  Novi Holivud, Beograd: Clio, 2002.
  • Zelenović, Ksenija.  Neonoir u savremenoj holivudskoj produkciji: načela obnove klasičnog noira,  Beograd: Filmski centar Srbije, 2012.
  • Body Double, Brian de Palma, Columbia Pictures, 1984.
  • Rear Window, Alfred Hitchcock, Paramount Pictures, 1954.
  • Vertigo, Alfred Hitchcock, Paramount Pictures, 1958.
  • Blow out, Brian de Palma, Filmways Pictures, 1981.
  • Sisters, Brian de Palma, American International Pictures, 1973. 




                

Thursday, June 30, 2016

5 филмски предлози за ова лето


1. Веќе долго време избегнувам да гледам хорор филмови затоа што во глобала поновите не го задоволуваат основниот критериум на жанрот. Едноставно  не застрашуваат.
Дискутабилно е дали филмовите кои содржат шокантни и насилни сцени, а не се фантастични, спаѓаат во овој жанр, но сепак ова е повеќе прашање од нормативна природа.  Green Rooм, режиран од страна на Jeremy Saulnier (Blue Ruin), е филм кој полека но сигурно се развива. Ликовите природно се лепат за приказната која е многу проста. Хард кор бенд заглавува по нивниот настап во клуб кој е воден од нацисти. Потоа следува пеколот. Насилството не е изнасилено и е во функција на приказната. Атмосферските шумови во неколку сцени се уклопени на оригинален начин и создаваат дополнителна тензија. Глумата со оглед на непознатата екипа е скоро одлична. Морам да го пофалам и капетан Пикард во улогата на водач на клубот. Се' на се' одлично изрежиран тензичен филм. Го ставив на прво место зотоа што ме немаше шокирано ниту еден понов филм вака добро од Goodnight Mommy.



2. Demolition е последниот филм режиран од страна на Jean-Marc Vallée (Dallas Buyers Club). Главната улога ја толкува Jake Gyllenhaal. Дејвис по претрпен шок доживува промени во неговата перцепција и однесување. Одеднаш му се појавува некоја неопислива желба да ги расклопува, составува и демолира предметите во неговото опкружување.
 Деконструирањето на предметите кое се одвива паралелно со проширувањето на неговата свест е метафора за фрагментираната реалност во урбаното општество и неговите правила и конвенции. Основната идеја на филмот е дека промената на желбата, која е основниот двигател на капиталот, доведува до „нефункционална индивидуа“.



3. Rams е уште еден извонреден исландски филм од минатата година. Филм со едоставен израз кој раскажува приказна за непријателството помеѓу двајца браќа во едно исландско село. Бавен но восхитувачки, Rams го одзема вниманието уште од самиот старт со лирските пејзажи од ова парче земја. Фанатизмот на селаните кој го доживувавме преку приказната за вечното ривалство на двајцата браќа го води овој филм кон завршеток каков што ретко се гледа. Со одлично сценарио и одлична режија овој филм заслужува еднакво внимание како и претходните два.




4. Lost Soul: The Doomed Journey of Richard Stanley's Island of Dr. Moreau  е можеби најинтересниот документарец кој го прикажува целиот процес на работа на филм. Но овој куриозитет воопшто и не е битен затоа што овој документарец пред се е филм за трагичната судбина на еден визионер и неговиот неуспешен обид. Lost Soul, како што кажува името, е филм со душа, ама изгубена во процесот на продукција. Неуспешниот обид на магот Richard Stanley, кој го сними еден од најуникатните Б-продукциски научно фантастични филмови Hardware, многу потсетува на приказната на Jodorowsky во Jodorowsky’s Dune. Сепак ова е документарец за неуспешно нереализиран филм за разлика од овој на Јодоровски кој не е воопшто реализиран. Но тоа ја прави оваа приказна уште по трагична, затоа што Стенли ќе го носи потписот на овој филм целиот свој живот, иако го има довршено John Frankenheimer. Приказната колку што е трагична толку е и филмична и ќе се изненадите кога ќе видете  каков идиот бил всушност Вал Килмер и колку било тешко да се работи со Марлон Брандо.



5. Theory of Obscurity: A Film About the Residents е филм за еден од најоткачените бендови на сите времиња. За тие што не знаат Residents се мултимедијален авангарден бенд кои почнале да настапуваат анонимно и останале непознати пред јавноста се до денешен ден. Нивното концептуално поигрување со музичката индустрија и американската култура, стана парадигма за многу бендови кои подоцна ќе се појават.


                Филип Миовски



                                    

Sunday, April 3, 2016

Рецензија - Virgine Mountain

Уште во првите минути во Virgin Mountain се запознаваме со инфантилниот карактер на главниот лик Фуси. Тој има четридесет и три години и сеуште е љубител на играчки. Тој живее со својата мајка. Нивниот однос во приказната не се продлабочува туку филмот започнува со социјален коментар преку прикажување на неговиот живот на работното место. Исчашените ликови и ситуации кои се типични за поновите скандинавски филмови се приметливи и во овој исландски филм. Во воведниот дел на филмот  се приметуваа примеси на  романтична комедија (ако веќе морам да давам жанровски одредници), но сепак продолжив да го гледам, иако во глобала избегнувам романтични филмови. Воопшто не згрешив што го изгледав до крај.



Идејата на овој филм е структурирана во приказната за Фуси. Тој е 43 годишна девица. Во поширок контекст девственоста на Фуси се разлачува во приказната креирајќи филмска стварност која е корелат на нашата стварност. Самиот наслов е  досетлив и ја опфаќа базичната идеја на филмот која е всушност искусувањето на љубовниот живот на една девица. Планината што ја искачува Фуси, може да биде истата планина која ја искачуваме ние во сопствените непознати области од животот. Девственоста како архетип представува чистина во намерата, па затоа за заплетот на овој филм слободно може да се каже дека поставува едно клучно прашање со кое се соочува секоја индивудуа која се стреми кон повисока свесност.



Социалниот коментар во Virgin Mountain  иако не е примарен сепак е присутен. Веристичкиот пристап во градењето на ликовите и приказната преовладува, па така овој филм останува карактеристичен затоа што неможе да се сврсти во некоја струја од актуелните филмски тенденции.
Филмот е мајсторски изведен. Посебно ми остави впечаток секвенцата на крајот на филмот која е обединета со модерна класична тема компонирана од Карстен Фундал.

              
                Филип Миовски