Friday, April 25, 2014

Ретроспектива на Џим Џармуш во Кинотека на Македонија

        Во рамките на Скопскиот филмски фестивал, во Кинотеката на Македонија ќе се прикажат првите шест долгометражни остварувања на независниот американски режисер Џим Џармуш. Автентичниот стил на Џармуш е, всушност, рефлексија на неговиот стил и начин на живеење. Неговото минато најдобро говори за сензибилитетот на неговите филмови. Љубовта кон литературата кај него се јавила уште од најраните години од неговиот живот, па затоа честопати во неговите филмови се среќаваме со познати цитати од светската книжевност. Автентичниот стил тој постепено ќе го усовршува во подоцнежните години, а уште на самиот почеток ќе биде препознаен како еден од најинвентивните независни филмски автори од Америка. 




Запишувајќи се на етаблираната филмска школа на Њујоршкиот универзитет, Џармуш стекнал големо искуство, посебно во последната година од студирањето кога добил прилика да работи со филмскиот великан Николас Реј. Џармуш, кој во седумдесеттите години на минатиот век бил активен како музичар во њујоршката андерграунд сцена, поточно во No Wave движењето кое воедно фукнционирало и како филмско движење под влијание на тогашната панк сцена, се спријателил со американскиот режисер Амос По. По, кој бил дел од No Wave сцената, го охрабрил Џармуш да започне со свој проект. Џармуш во таа намера бил морално подржан и од неговиот ментор Николас Реј, па така набргу започнал да работи на неговиот прв филм.


Панкерскиот начин на живот во сиромашните предели на Њујорк видно извршил влијание на Џармуш, кое поготово се приметува во неговите први две остварувања. Првиот негов филм Permanent Vаcation го снимил со бучет кој изнесувал 12.000 долари, а тии пари ги добил преку школкси фонд. Permanent Vаcation како и неговиот втор филм Stranger Than Paradise се филмски репрезенти на No Wave движењето, движење кои извршило големо влијание брз неговиот стил по кој ќе биде препознаван подоцна. 





Џармуш, како голем познавач на светската литературата и на филмската уметност, во неговите следни филмови успешно цитира многумина писатели и филмски автори. Неговите филмови придобиваат една самосвесна форма на интертекстуалност која бара одредено предзнаење на гледачот. Сепак, тоа предзнање не е неопходно за да се следат неговите филмови, затоа што неговите филмови реферираат како на високата така и на популарната уметност. Цитатите во неговите филмови потсетуваат на симулираната реалност и креираат еден метакодиран свет кој ја преиспитува самата структура на филмот и неговата врска со реалноста, како за цитираните филмови и останати референци, така и за филмот како уметност. Анахроното појавување на музиката, предметите и делата, и мешањето на жанровските конвенции, се уште една постмодернистичка постапка по која ќе остане запамтен овој филмски гениј.


          Филип Миовски

Програма:

No comments:

Post a Comment