Monday, September 12, 2016

Рецензија - The Neon Demon


Пред да се нафатам на рецензијава се одлучив да го изгледам документарецот NWR (Nicolas Winding Refn) (2012). Самиот наслов ни кажува дека се работи за документарен филм што го опфаќа неговото творештво до 2012 година. Од овој филм заклучив дека Николас е, всушност, едно големо дете, во буквална и во фигуративна смисла. На крајот во NWR ги гледаме него и неговата сопруга како купуваат играчки во една голема продавница во Банкок. Ваквиот сензационализам, што ја открива неговата нарцисоидна потреба да биде што повеќе забележан, е уште поочигледен во неговите два документарци за двете големи кризи во неговиот живот: My Life Directed by Nicolas Winding Refn (2014) и Gambler (2006).


Како и да е, дознав дека тој е сосема отворен и едноставен човек, на кој филмот и семејството му се најбитните работи во животот. Неговата потреба да се истакнува е неразделна од љубовта кон филмот, општо земено, а и од потребата да се идентификува со тоа што го создава. Доколку на оваа идентификација – која на моменти оди во крајности – извршиме аналогија со митот за нарцис, можеме полесно да ја разбереме неговата природа, како и неговите филмови. Многумина мислат дека Нарцис се заљубил во себеси свесно, па врз основа на овој податок погрешно ја интерпретираат  нарцисоидноста. Нарцис се заљубил во сопствениот одраз во изворот, мислејќи дека гледа друго момче. Таква била неговата суштина, можел да се заљуби само во себеси. На истиот начин Николас се рефлектира во своите филмови. Неговите слободни асоцијации и рефлексии се јасно видливи и во The Neon Demon.


Протагонистот во приказната е Џеси (Elle Fanning). Таа e прекрасен модел, на кој лесно му се отвораат вратите во Лос Анџелес. Нејзината убавина колку што  ѝ овозможува брз напредок во кариерата толку е и причина за завидливост и злоба од страна на манекенките Џиџи и Сара. Пред сè визуелно впечатлив, овој филм изобилува со совршено искомпонирани кадри и осветлување. Сите општи и специфични филмски кодови се соединети во една компактна целина на едно мајсторско ниво, за што сведочи неговото 23-годишно искуство. На многумина овој филм може да им се види како богато визуелно остварување на кое му недостасува добра приказна, но таквата поставеност на формата и содржината не е случајна. Приказната има свој морал, се заокружува во целина, но сепак може да се толкува на повеќе нивоа доколку се отворат очите за симболите во филмот што ги има во изобилие, а се во меѓусебна корелација, користејќи ја семантичката функција на монтажата. Николас сцените ги режира по хронолошки редослед. Тој тврди дека ваквата постапка му ја поедноставува работата, односно така заштедува енергија за да може да се фокусира на дополнителното градиво на филмот. На овој начин тој има само една верзија на филмот и слобода да ја искористи имагинацијата, соединувајќи се со него и проживувајќи го како внатрешно искуство што праволински еманира нанадвор градејќи една целина. Не случајно, додека траело снимањето, еднаш неделно се среќавал со неговиот добар пријател Александро Јодоровски, за да му гледа на тарот, давајќи му одредени насоки.


Цитатноста како постапка е јасно видлива и во овој негов филм, успешно користејќи го наративниот текст за да искомпонира сегменти од Suspiria (1977).   Користењето на тишината како елемент на наративниот текст во The Neon Demon e доведено до степен на ефикасност каква што е потребна за предизвуквање на страв и напнатост. Влијанието од David Lynch несомнено се забележува во неговиот стил. Музиката за филмот е компонирана од Cliff Martinez и можеби ова е неговиот најдобар soundtrack, кој одлично го коментира, но и учествува во создавањето на гламурот. Ваквата двострана врска е добро избалансирана за да ја постигне потребната иронија. Многу сцени се забавени и овозможуваат да уживаме подолго во композициите со неонско осветлување. Што се однесува до глумата, Elle Fanning со минимални експресии, многу добро го постигнува потребното. Некои од останатите актери потфрлуваат на моменти,  но генерално земено добро си ја обавуваат работата.

Николас има навика при креирањето на секој филм да проба да го опише карактерот на истиот, компарирајќи го со некој музички правец, бенд или музичар. Немам сретнато негова изјава за овој филм, но јас би се дрзнал да го опишам како Tangerine Dream.


                   Филип Миовски