Thursday, June 30, 2016

5 филмски предлози за ова лето


1. Веќе долго време избегнувам да гледам хорор филмови затоа што во глобала поновите не го задоволуваат основниот критериум на жанрот. Едноставно  не застрашуваат.
Дискутабилно е дали филмовите кои содржат шокантни и насилни сцени, а не се фантастични, спаѓаат во овој жанр, но сепак ова е повеќе прашање од нормативна природа.  Green Rooм, режиран од страна на Jeremy Saulnier (Blue Ruin), е филм кој полека но сигурно се развива. Ликовите природно се лепат за приказната која е многу проста. Хард кор бенд заглавува по нивниот настап во клуб кој е воден од нацисти. Потоа следува пеколот. Насилството не е изнасилено и е во функција на приказната. Атмосферските шумови во неколку сцени се уклопени на оригинален начин и создаваат дополнителна тензија. Глумата со оглед на непознатата екипа е скоро одлична. Морам да го пофалам и капетан Пикард во улогата на водач на клубот. Се' на се' одлично изрежиран тензичен филм. Го ставив на прво место зотоа што ме немаше шокирано ниту еден понов филм вака добро од Goodnight Mommy.



2. Demolition е последниот филм режиран од страна на Jean-Marc Vallée (Dallas Buyers Club). Главната улога ја толкува Jake Gyllenhaal. Дејвис по претрпен шок доживува промени во неговата перцепција и однесување. Одеднаш му се појавува некоја неопислива желба да ги расклопува, составува и демолира предметите во неговото опкружување.
 Деконструирањето на предметите кое се одвива паралелно со проширувањето на неговата свест е метафора за фрагментираната реалност во урбаното општество и неговите правила и конвенции. Основната идеја на филмот е дека промената на желбата, која е основниот двигател на капиталот, доведува до „нефункционална индивидуа“.



3. Rams е уште еден извонреден исландски филм од минатата година. Филм со едоставен израз кој раскажува приказна за непријателството помеѓу двајца браќа во едно исландско село. Бавен но восхитувачки, Rams го одзема вниманието уште од самиот старт со лирските пејзажи од ова парче земја. Фанатизмот на селаните кој го доживувавме преку приказната за вечното ривалство на двајцата браќа го води овој филм кон завршеток каков што ретко се гледа. Со одлично сценарио и одлична режија овој филм заслужува еднакво внимание како и претходните два.




4. Lost Soul: The Doomed Journey of Richard Stanley's Island of Dr. Moreau  е можеби најинтересниот документарец кој го прикажува целиот процес на работа на филм. Но овој куриозитет воопшто и не е битен затоа што овој документарец пред се е филм за трагичната судбина на еден визионер и неговиот неуспешен обид. Lost Soul, како што кажува името, е филм со душа, ама изгубена во процесот на продукција. Неуспешниот обид на магот Richard Stanley, кој го сними еден од најуникатните Б-продукциски научно фантастични филмови Hardware, многу потсетува на приказната на Jodorowsky во Jodorowsky’s Dune. Сепак ова е документарец за неуспешно нереализиран филм за разлика од овој на Јодоровски кој не е воопшто реализиран. Но тоа ја прави оваа приказна уште по трагична, затоа што Стенли ќе го носи потписот на овој филм целиот свој живот, иако го има довршено John Frankenheimer. Приказната колку што е трагична толку е и филмична и ќе се изненадите кога ќе видете  каков идиот бил всушност Вал Килмер и колку било тешко да се работи со Марлон Брандо.



5. Theory of Obscurity: A Film About the Residents е филм за еден од најоткачените бендови на сите времиња. За тие што не знаат Residents се мултимедијален авангарден бенд кои почнале да настапуваат анонимно и останале непознати пред јавноста се до денешен ден. Нивното концептуално поигрување со музичката индустрија и американската култура, стана парадигма за многу бендови кои подоцна ќе се појават.


                Филип Миовски