Thursday, December 10, 2015

Рецензија - Schneider vs. Bax

Schneider vs. Bax е филм на Alex van Wermardam, добро познат по неговиот последен филм Borgman (2013). Успеав да изгледам половина од филмовите на овој холандски режисер и дојдов до заклучокот дека неговите последни два филма видно се разликуваат од неговите претходни остварувања по луцидноста и по способноста да го осети духот на времето и ги завие идеите во формат кој е читлив за публиката. Wermardam, кој и самиот ја толкува едната од главните улоги во филмот, позајмувајќи ја формата на акциони филмови од типот мачка и глушец и shoot 'em up нè доведува до една збркана ситуација во која се среќаваат повеќемина ликови.





 Шнајдер, кој е платен убиец, е најмен од Мертенс да го ликвидира Рамон (Alex van Wermardаm). Шнајдер го напушта своето семејство и им ветува на својата жена и на ќерката дека ќе се врати истиот ден откако ќе си ја заврши работата. Како што се развива приказната така се зголемува и тензијата во филмот, а ефектот на зачуденост како драмско изразно средство често се среќава во филмот. Балансот помеѓу апсурдните ситуации и акционите сцени, кои на моменти наликуваат на  оние од No Country for Old Men, во некои делови од филмот е поизразен, додека во други потсетува на акционен филм. Како за споредба, оваа сплотеност на апсурдното и сатиричното со градењето на тензијата во Borgman беше подобро нијансирана.



Тоа што Schneider vs. Bax го прави да биде посебен и луциден филм е неговиот подтекст. Wermardam ни сугерира една идеја која е  отворена за толкување. Порано вакви филмови правел Луис Буњуел, а од режисерите од поново време би го издвоил Михаел Ханеке. Во Funny Games на Ханеке, кој лани го споредив со Borgman, имаме можност за метафизичко толкување на злото кое влегува во нашите домови, но и за она зло преточено во институциите и формите на моќ кое перфидно и педантно ни влегува во нашите домови.



Во Schneider vs. Bax едноставниот заплет повеќе наликува на воената машина на Делез и Гатари. Двата лика на воената машина, екстензивниот фашизам и лицето на мирот, се претставени преку Шнајдер кој треба да си ја заврши задачата и Рамон кој се повлекол да најде мир во својата викендица, опкружена со рамен простор кој му одговара на номадот. Мертенс е нивното соединување, односно самата логика на воената машина. Критиката, пак, за суровоста на буржоазијата во доцниот капитализам е воочлива уште при самиот почеток на филмот.


       
Филип Миовски