Tuesday, December 8, 2015

Критика - Love (2015)

Кога разбрав дека Гаспар Ное ќе снима филм за љубовна врска кој ќе изобилува со сексуални сцени и, згора на сето тоа, ќе биде во 3D, веднаш си помислив дека овој филм ќе биде целосно промашување.  Сепак имав желба да одам да го гледам во кино за време на фестивалот Cinedays. Ми текнува кога бев да го гледам неговиот втор долгометражен филм Irrеversible за време на тогашниот Скопски филмски фестивал, некаде пред отприлика 15 години. Дотогаш немав гледано толку шокантен филм. Многумина во киното кои беа во моето опкружување си заминаа за време на сцената во која во подземниот премин беше силувана девојката која ја глумеше Моника Белучи. Филмот беше толку шокантен што дури едно девојче кое седеше зад мене заплака. Тоа беше суров филм, директен и алудираше кон нихилистички интерпретации, имаше филозофија, но и постигнуваше силен драмски ефект. Неговиот следен филм Enter The Void понуди една збогатена естетика и остана запамтен по DMT секвенцата. Тоа беше уште еден негов уникатен филм со интересен пристап кон темата: живот после смртта.



За разлика од овие два филма, Love немаше да понуди нешто ново, освен повеќе крупни планови на гениталии отколку во Enter The Void, ејакулирање во камера и крупен кадар во кој се снима фалус за време на секс од вагинална гледна точка. Сличен на последниов споменат кадар, ако не се лажам, имаше и во Enter The Void. На страна прашањето дали сето наведено воопшто има некаква вредност. Околу естетскиот дел од филмот може да се зборува многу, но сепак би избегнал да навлегувам  во досадните техничките подробности.


Love изгледа импресивно поради тоа што е снимен од страна на Бенуа Деби, еден од најетаблираните директори на фотографија во моментов. Тој, како и во другите негови филмови, користи неонско светло коe ја крeва атмосферата на едно повисоко ниво, делуваjќи магично и екстатично. Ваквата атмосфера ја задскрива површноста на приказната, додека сексуалните сцени ги покренуваат страстите и предизвикуваат сензација на која – доколку се додаде романтичната приказна и одлично избраната музика – се добива потребната комбинација која има за цел да нè импресионира и да го задржи нашето внимание. Освен тоа, во филмот го среќаваме лично Гаспар Ное, во некои моменти неговото име или презиме, а преку главниот лик Марфи делумно е претставена и неговата личност. Оваа автореферентност делува прилично непотребно и нападно затоа што ја пречекорува границата, така што се постигнува обратен ефект, еднаков на  мастурбација на режисерот. Евидентно е дека Гаспар Ное е перверзен лик, така што нема потреба тоа да го нагласува постојано. Перверзноста на филмското платно во историјата честопати се користела како средство за да се даде еден критички осврт на некои идеи и утопии како, на пример, во Crash на David Cronenberg или, пак, Salo, 120 Days of Sodom на Pier Paolo Pasolini, додека во овој филм се користи како цел.


Глорифицирајќи го слободниот секс и одејќи до крајните граници наспроти прикажаниот досаден моногамнен секс во брачната заедница, Ное воспоставува поларизација која е исконструирана, необјективна, па дури и тендециозна. Затоа овој филм, кој е лесна хипстерска храна, нема филозофија или, поинаку кажано, има лоша филозофија. Целта на филозофијата, во поширока смисла на зборот, е да ги прошири видиците и да отвора нови сфери, а не да наметнува ставови.
Да кажеме дека намерата на режисерот била преку овој филм за првпат да ни прикаже како изгледа сексот додека си заљубен, како што нè известува Марфи во еден дел од филмот, кој исто така е режисер по професија како Ное. Ваквата изјава можеби би го оправдала овој обид на режисерот и би го намалила неговиот срам, доколку не постоеше филмот 9 Songs (2004) на Мајкл Виндерботом, филм кој сум го пропуштил и ми беше препорачан од двајца филмаџии дента после проекцијата. 



Филип Миовски