Sunday, November 16, 2014

Cinedays 2014 - Birdman: or (The Unexpected Virtue of Ignorance) (2014)

Birdman, последниот филм на Алехандро Гонзалез Ињариту, е филм кој по сензибилитетот и по пристапот на работа се издвојува од неговите претходни дела. Филмот беше сосема добро прифатен кај жирито и меѓу публиката на фестивалите на кои досега бил прикажуван. Во Венеција се закити со дури четри награди, а најверојатно ќе биде и еден од кандидатите за Оскар. Без оглед на фестивалската рецепција, станува збор за фантастично филмско авторско дело на еден од највпечатливе режисери кои доаѓаат од Мексико.



За разлика од неговите големи пријатели Гилермо дел Торо и Алфонсо Куарон, Ињариту продолжи да снима авторски филмови во кои глумат докажани холивудски актери. Кастингот на филмот е одличен. Улогата на Мајкл Китон како Реган ќе остане запамтена во филмската историја како една од неговите најдобри изведби. Совршено одбрана како за него, улогата на пропаднат филмски актер кој се прославил на времето глумејќи суперхерој, се совпаѓа со неговата моментална животна ситуација. За голем дел од публиката Мајкл Китон останува запаметен како Бетмен, односно тоа е неговата последна најпозната филмска улога. Китон во филмот глуми подзаборавен филмски актер кој моментално режира представи во Бродвеј. Тој, покрај целиот креативен хаос кој се случува за време на представите и при нивната подготовка, доживува криза на идентитет која во филмот се манифестира преку неговата мрачна половина, представена како Birdman. Неговата амбиција да се врати на сцената како маркантен актер се конфронтира со неговото мрачно јас кое се поистоветува со неговиот стар идентитет, познат суперхерој. Покрај својата мрачна страна, неговиот втор најголем непријател е Табита, театарски критичар за Њујорк тајмс. Нејзините критики на театарските представи се најголемиот фактор за приемот во јавноста на истите. Омраза на Табита спрема Реган, која го гледа како само уште една позната личност, е неговата втора најголема пречка.



Во Birdman покрај Китон, кој имал актерско искуство во неколку други комедии (Тhe Paper, Beetlejuice, Multiplicity) одлична актерска изведба приредуваат и останатите глумци. Едвард Нортон и Наоми Вотс во овој метафилм совршено се снаоѓаат во улогата на театарски актери. Покрај останатите актери, би ги издвоил улогите на  Зак Галафанакис, кој глуми адвокат и најдобар пријател на Реган, и Ема Стоун, ќерката на Реган.
Ињариту, кој има завршено факултет за театарска режија, својот капацитет како театарски режисер го докажува токму во овој филм. Долгите кадри низ тесните ходници во театарот кои продолжуваат низ сцената, соблекувалните, канцелариите, па дури и надвор на улицата пред театарот, создаваат ефективно,тензично и еуфорично чувство кое го задржува вниманието на гледачот. Целиот филм е снимен во најмногу 15 кадри. Некои од овие кадри се снимени  во само неколку тејка, а должината на еден кадар изнеува од 7 до 10 минути. Самиот процес на снимање на филмот се одвивал со  прецизна оркестрација и техничка  подготвеност на целата актерска и филмска екипа. Ваквиот подвиг за Ињариту ни најмалку не бил лесен, а по снимањето на овој филм тој се вбројува во малата група на филмски великани кои успеале да го изведат овој подвиг: Орсон Велс, Алфред Хичкок, Роберт Алтман, Александар Сокуров.



Сценариото во филмот изобилува со непредвидливи ситуации кои се полни со луциден хумор кој држи чекор со времето. Музиката за филмот е во изведба на Антонио Санчез, мексикански џез тапанар. Според Ињариту, изборот на ваква музика бил најсоодветен бидејќи ритамот е најесенцијалниот елемент во комедијата.


Birdman, покрај хумористичната линија, остава простор и за послоевита интерпретација. Темната страна на личноста ја поседува секој од нас и токму ваквата идентификација со главниот лик и неговите конфликти нè врзува поцврсто за ткивото на филмот.   


          Филип Миовски