Thursday, April 3, 2014

Рецензија - Snowpiercer


 Snowpiercer, најновото остварување на корејскиот режисер Џун-хо Бонг (Joon-ho Bong), е дистописки научно-фантастичен филм. Филмот е креиран според францускиот стрип La Transperceneige, кој бил преведен на англиски јазик дури после 30 години. Идејата за реализација на филмот Бонг ја имал уште од 2004 година, така што остварувањето на овој – навидум комплексен за снимање – филм сведочи за творечките потенцијали на корејскиот режисер.



 Во Snowpiercer се забележува aвтентичниот стил на Бонг, иако се работи за  филмска адаптација на стрип.  Жак Лоб (Јacques Lob) и Бенџамин Легранд (Benjamin Legrand), дуото кое е одговорно за стрипот (Jean-Marc Rochette е починат), во интервјутo дадено за интернет страницата moviepilot.com изјавија дека се задоволни во однос на тоа како е пренесен духот на стрипот во филмската адаптација. Според нив, екранизацијата на стрипот е верна, освен измената на неколку неопходни сегменти. Тие измени се неопходни за да може филмот поефективно да делува на гледачите. Куртис (Крис Еванс), протагонистот во филмот, е претставен како револуционер кој е следен од толпата, додека во стрипот е всушност само обичен осамен човек. Сепак, овој факт не ја одзема магијата на филмот туку, напротив, му дава на ликот, а со тоа и на филмот, еден двигателен квалитет. Куртис е, всушност, алката од синџирот која ќе предизвика нужна промена и преиспитување на целата конфигурација на возот.



Snowpiercer е името на возот кој ги пренесува единствените преживеани патници од катаклизмата која се случила од превентивните постапки преземени поради глобалното затоплување. Големата елементарна несреќа која предизвикала драстично намалување на температурите настанала од испуштањето на хемикалијата CW7 во повисоките слоеви од атмосферата. Дејствието на филмот се случува во именуваниот воз во  2031 година, 17 години по катаклизмата. Патниците во возот се поделени по класи и работни позиции. Патниците во последните вагони живеат во тешки услови, немаат доволно простор за пристоен живот, постојано се искористувани од страна на повисоките слоеви каде што живеат „привилегираните“, често се казнувани и се хранат со синтетичка протеинска храна. Куртис се наоѓа во овој дел од возот. Тој е незадоволен, како што се и  останатите патници од последните вагони, па затоа ќе започне бунт кон повисоката класа.  Куртис логистичка поддршка ќе добие од Едгар (Џими Бел) и Гилиам (Џон Харт), а исто така и од анонимниот доставувач на пораки кој им праќа известувања што содржат само еден збор. Известувањата се затворени во метална капсула која се наоѓа во некое од парчињата протеинска храна што редовно им следува. За редот во возот е задолжена озлогласената госпоѓа Мејсон (Тилда Свинтон). Мејсон е врховниот командант во возот и под нејзина надлежност се наоѓаат бруталните полицијаци кои ги измачуваат патниците. Единствениот човек во возот кој се наоѓа на повисока позиција од Мејсон е Вилфорд, конструкторот на возот кој е придвижуван од вечниот мотор кој, пак, работи на принципот на perpetuum mobile.



Содржината на приказната во филмот, која е проследена со прилично очигледни симболи, е всушност добро спакувана алегорија која го претставува друштвениот поредок преку многу живи метафори. Општествениот коментар на вертикалната подреденост во општеството пластично е прикажан, а основата на приказната го користи возот во полн капацитет за да креира ситуации преку кои се прикажува суштината на друштвените превирања. Секој вагон во возот, во контекст на прикажаното во филмот, представува  еден феноменолошки поглед на одреден сегмент од општеството. Што се однесува, пак, до нелогичностите на приказната може да се каже дека сепак паѓаат во длабоката сенка на суштината на филмот.
Snowpiercer е посебен научно-фантастичен филм, во однос на повеќеслојноста на приказната. За филмот да може да функционира на повеќе нивоа, земајќи го предвид и забавниот дел, одлично се погрижил корејскиот мајстор. Сепак Snowpiercer не е холивудски филм кој има за цел да собере пари, забавувајќи ја просечната и потпросечната публика. Филмот не е сниман во Холивуд, туку во студиото Барандов во Прага.



Иако алегорскиот аспект е во преден план, сепак филмот нуди и одредени стилизирани акциски сцени кои се уникатни и претендираат да бидат запамтени подолго време. Модерните оркестрации одат во добар прилог на ваквите сцени и му придаваат епски карактер на филмот. Звукот кој произлегува од движењето на возот, од почетокот до крајот на филмот создава хипнотичка атмосфера, а во сцените каде што не се слуша е заменет со мрачна амбиентална филмска музика која, пак, делува како да е неопходна во неколку моменти. Неколку од акциските сцени се снимени во slow motion, но таквите сегменти се успешно избалансирани со кратките кадри и брзите движења на камерата, кои следат по нив.



Неколкумина ликови од филмот се прикажани како гротески, но не на изнасилен  начин кој е својствен за азиските режисери кои снимаат бизарни филмови, туку посуптилно. Може да се каже дека глумата на актерите во овој филм е прилично прилагодена и за западната публика која не гледа азиски филмови. Исмевањето на одредени ликови и ситуации во филмот е нагласено, но до степен да не биде изнасилено. Немкунг Минсу (Канг-хо Сонг) е еден од повпечатливите ликови во филмот, Сонг воедно е и чест соработник на Џун-хо Бонг. Џон Харт, кој е најискусниот актер во филмот, доволно добро го глуми мудриот старец Гилијам, Крис Еванс можеби ќе остане најзапаметен кај поделикатните љубители на филмската уметност токму поради оваа улога, а Тилда Свинтон брилјира во улогата на Мејсон. Во едно интервју Тилда ќе изјави дека во улогата на Мејсон се обидела да внесе по нешто од кловновите кои ги познава. Подоцна, кога го погледнала филмот, препознала во ликот на Мејсон по нешто од Силвио Берлускони, корејските лидери и англиските лидери од 1980-тите (можеби сугерирајќи ни на Маргарет Тачер).

    
Филип Миовски