Sunday, February 2, 2014

Рецензија - Боргман

                          


Последниот филм на холандскиот режисер Алекс Ван Вармердам е можеби неговото најуспешно остварување досега. Боргман се закити со осум награди, а исто така беше номиниран во Кан за Златната палма. Вармердам е искусен режисер кој работи веќе триесетина години, а сите негови досега снимени филмови се препознатливи по црниот и апсурден хумор. Сепак во последниот филм Боргман прави едно стилистичко и жанровско отстапување од неговите предходни дела, градејќи една напната атмосфера која е својствена за трилер жанрот.



Главниот лик во овој филм е Камил Боргман (Јан Беефут). Камил со уште двајца негови пријатели живеат во подземни изработени живеалишта во шумата. Откако ќе бидат протерани од локалните мештани, Боргман ќе се упати кон една луксузна куќа барајќи од домаќините да му овозможат да се истушира во нивниот дом. Влегувајќи ѝ под кожа на газдарицата Марина, Боргман ќе се всели во нивниот дом. Тој ќе почне да врши психички терор врз целата фамилија, а додека престојува под нивниот покрив, ќе биде поддржуван од неговите пријатели во веќе започнатата психолошката тортура.



Психопатолошкиот профил на ликовите и ситуациите кои тие ги создаваат се проследени со метафизичката димензија на филмот. Уште на самиот почеток на филмот режисерот ни понудува една рамка, една перспектива преку која може да се следи филмот, изразена преку реченицата: „И тие се спуштија на земјата за да ги зајакнат своите редови”. Оваа реченица, која е алузија на делот во откровението и книгата на Енох, каде што се зборува за паднатите ангели, му дава една длабочина на филмот што ќе биде одржувана преку неколкуте дијалози и сегменти во текот на целиот филм.



            Боргман може да се гледа и како пародија на Funny Games, но не како пародија која има интенција да го исмее филмот, туку која има за намера да изврши деконструкција на филмот од Ханеке, за да може да конструира еден нов универзум. Универзумот на Ванмердер е ладен и суров какви што се и ликовите во ова негово остварување. Метарелигиозноста во Боргман се насетува уште во првата сцена од филмот, па со оглед на тоа што во неговиот најпознат филм „The Northerners“ се пародира религиозната егзалтација на еден од ликовите, за Вармердем можеме да кажеме дека е еден вид агностик. Сепак тој не се труди да врши непотребна рационализација на некои метафизички проблеми, туку го искажува она што е непоимливо, што впрочем е и задачата на секој вистински уметник.

                        
                           Филип Миовски