Tuesday, December 10, 2013

Cinedays 2013 - Shell

                           

Shell е дебитантско филмско остварување на шкотскиот режисер Скот Греам (Scott Graham). Филмот е снимен на локации во Шкотска, а главните улоги ги толкуваат Клои Пери (Chloe Pirrie) и Џозеф Мола (Joseph Mawle). Филмот е базиран по истоимениот краткометражен филм од Греам, но сепак содржината во долгометражниот филм е прилично изменета. Како и да е, краткиот филм на Греам послужил како испирација за создавање на еден покомплексен филм.

Дејствието во филмот се одвива на само една локација, бензиска пумпа (и нејзината поблиска околина) покрај еден автопат во Highlands. Шел (Клои Пери) заедно со Пит (Џозеф Мола) поседуваат бензиска пумпа. Нивната мала дрвена куќа е во склоп на самата бензиска пумпа. Тие живеат осамено и изолирано. Шел има потреба од нежност, но нејзиниот татко, погрешно толкувајќи ги нејзините чуства, не може да ја задоволи нејзината потреба од нежност. Нивната емоционална дистанцираност прераснува во еден вид на тензија која трае до самиот завршеток на филмот.


Тишината во Shell, кој има екстензивен карактер, полека ширејќи се, го зазема и  затворениот простор. Наелектризираноста во воздухот е предизвикана од затегнатите односи помеѓу Шел и Пит. Нивниот дисхармоничен однос се одвива по иста линија со неспособноста на ликовите да продрат подлабоко во самите себе, за да можат да го пронајдат својот недостаток. Наместо да се соочат со себеси, тие го проектираат сопствениот недостаток помеѓу самите себе, затоа што немале можност претходно да развијат конструктивна комуникација.



Осаменоста на човекот води до деградација на личноста, како и на средината во која живее. Во филмот таа средина е бензиската станица. Споредните ликови во Shell, како по природен закон, гравитираат околу бензиската пумпа. Сите тие се осамени и имаат потреба од нежност, но истовремено и страв дека љубовта нема да им биде возвратена. Тие осамени ликови сепак се само една рефлексија на средината од каде доаѓаат, и затоа може да се каже дека овој филм на непосреден начин се бави со една општо позната ситуација, која сите ја препознавме, но на која можеме многу малку да дејствуваме. Депресивното расположение на филмот сосема се совпаѓа со идејата која ја сугерира истиот.



Глумата на актерите во Shell е одличо изведена. Говорот на телото и изразите на лицето совршено ги демонстрираат нивните желби, стравови и конфликти. Од страна на актерите, интерпретацијата на ликовите е повеќе од задоволително изведена. Фактот дека режисерот на двајцата главни актери им дал задача да живеат заедно во Highlands е доволен доказ за нивната воиграност во улогите. Пејсажите од Highlands како и звучните пејсажи на ветерот и дождот му го даваат потребниот тоналитет на филмот и го заокружуваат во целост ова филмско дело.


                         Филип Миовски