Wednesday, December 18, 2013

Cinedays 2013 - Бојата на камелеонот

    

Кога ќе погледнеш некое филмско дело кое проблематизира тема која е стигматизирана од политичката јавност истовремено предизвикува ослободувачко и восхитувачко чуство кај гледачот. Фактот дека во твоето соседство постојат луѓе кои се прилично свесни, храбри и способи на луциден начин да ја представат промената на политичкото устројство, дава барем трошка надеж дека преку филмот може да се издејствува менувањето на перцепциајта на народот. Бојата на камелеонот е бугарски филм кој го проблематизара менувањето на политичкиот систем во Бугарија, тема која ги засега сите балкански земји, па и пошироко.

Централен лик во филмот е Батко. Тој ќе биде регрутиран да работи за бугарската тајна полиција под тајното име „Марципан“. Марципан ќе има за задача да ги открие целите на едно субеверзивно политичко движење, кои ги следи идеите на книгата наречена „Цинкограф“. Марципан постепено ќе почне да ги открива нивните скриени намери, за да може да ја растури групата, која веќе некое време е под лупата на полицијата.




Бојата на камелеонот е филм снимен според книгата на Михаил Тодоров насловена „Цинкограф“. Тодоров воедно е продуцент и сценарист на филмот. Филмот верно ја следи книгата, иако опфаќа само една десетина од самата книга. Сепак, Емил Христов, режисерот на филмот, по присуството на проекцијата на Бојата на камелеонот на фестивалот Синедејс во Скопје, истакна дека сепак е доловена суштината на книгата. Христов, како и Тодоров (кој не присуствуваше во Скопје), го делат мислењето дека Бојата на камелеонот, меѓу другото, е пародија на германскиот филм The Lives of Others. Тодоров во едно интервју ќе истакне дека „Бојата на камелеонот“ е опозит на The Lives of Others, бидејќи во германскиот филм се романтизираат шпионите, кои припаѓале на тогашнита интелектуална елита. Тодоров ќе додаде дека шпионите во тој филм и во сличните филмови на споменатиот се представени како жртви, додека во реалноста жртватa на  шпионските малверзации е целото население.



Наративната структура во филмот е повеќеслојна. Сатирата и псевдоинтелектуалните разговори во филмот имаат повеќезначни улоги. Се исмејуваат интелектуалците од тоа време поради нивната идеолошка закоравеност, но истовремено се прикажува функционирњето на разузнавачкиот систем. Конспиративната содржина на филмот, пак,  се должи на референците кои се спомнати во самиот филм.

Бојата на камелеонот“ од естетска и од содржинска гледна точка потсетува на Existenz од Кроненберг. Егзистенцијалните мотиви на Тед Пикул (Џад Ло), главниот лик во Existenz, се од иста природа како и оние на Марципан: двајцата се обидуваат да ја најдат суштината на играта која ја играат, притоа барајќи ја смислата на сопствениот симулакрум. Апсурдните и надреални ситуации и дијалозите исполнети со хумор се шлагот на овој филм, но сепак филмот навлегува подлабоко во суштината на политичките игри и манипулации, разоткривајќи го нивниот механизам.




 Филмот плени со неговиот богат визуелен израз. Прецизниот дидактичен стил на режисерот е резултат од неговота долгогодишна работа како директор на фотографија, иако „Бојата на камелеонот“ е неговиот прв филм. Интензивните бои му даваат еден посебен колоритен облик на филмот кој се совпаѓа со расположението кое го изнудува филмот. Автентичните ликови, пак, долго време ќе останат врежани во меморијата на гледачот, како и ситуациите во кои запаѓаат.


                       Филип  Миовски