Wednesday, October 16, 2013

ФФК „Браќа Манаки" 2013 - Oh Boy

                                

Оh Boy e германски сатиричен филм во кој главниот лик Том Шилинг (Нико Фишер), кој се наоѓа во егзистенцијална криза, се обидува да се справи со апсурдните ситуации и ликови кои го опкружуваат. Првин го напушта девојката, потоа му ја одземаат возачката дозвола, а електронската картичка од банката му ја одзема банкоматот. Бидејќи е невиден баксуз, не може дури да си го плати ни утринското кафе.


Ликовите во Oh Boy колку што се смешни толку се и сурови, арогантни и себични, а сето тоа вешто ни го прикажува Јан Оле Герстер (Jan Ole Gerster), режисерот и сценаристот на ова филмско деби. Невротичноста на ликовите, кои се жртви на средината во која живеат, е прецизно представена на сатиричен начин. Во овој филм се исмеваат ликови кои се, всушност, стереотипи на ликови кои можат да се сретнат во поголемите градови. Поради тоа, Том не може да се пронајде во градот во кој живее, а згора на тоа нема ни среќа.

                                

Преку главниот лик, кој се наоѓа во егзистенцијална криза и се соочува со бесмислата на животот, овој филм остава отворени неколку битни есенцијални прашања. Цврсто држејќи се до жанровската определба на филмот и избегнувајќи ја можноста да се влезе подлабоко во конфликтите помеѓу ликовите, и проблемите кои се генерирани од нив, Јан Оле Герстер јасно поентира преку една алегорија на крајот на филмот. На гледачот му е оставено доволен простор за да се запознае со ликовите, а за нивното успешно портретирање и раздвижување очигледно сведочи перцептивната моќ и луцидноста на Герстер.

                             

Поради тоа што филмот е снимен без боја се постигнува посилен драматуршки ефект. Често се користи контрастот помеѓу осветлениот заден план и затемнетиот преден план, или обратно. Уште една визуелна препознатлива карактеристика на филмот е честото користење на фор-план во дијалозите, а исто така и промената на аглите и ракурсот на подвижната камера. Меланхоличната џез музика и кадровите помеѓу сцените со широк план, кои го прикажуваат секојдневието во Берлин, го потврдуваат влијанието на Вуди Ален врз Јан Оле Герстер во овој филм. 

                        Филип Миовски