Wednesday, October 16, 2013

ФФК „Браќа Манаки" 2013 - Петтата сезона

      

Последното остварување на двоцот Питер Бросенс (Peter Brosens) и Џесика Вудворт (Jessica Woodworth) е едно извонредно филмско доживување преку кое повторно, на нивен препознатлив начин, ја обработуваат темата на сплотеноста на човекот со околината во која живеат. Режисерите во неколку нивни интервјуа имаат истакнато дека сите три нивни заеднички проекти делат една заедничка нишка. „Тие јасно користат еден ист визуелен јазик, чуството на ургентност и загриженоста за природата“, вели Вудворт во интервјуто за белгискиот филмски магазин Flanders Image.

„Петатта сезона“ (The Fifth Season) e белгиски филм напишан по сценарио и режиран од страна на Бросенс и Вудворд. Ова нивно трето остварување е снимено во белгиското село Веилен, каде што се одвива и приказната во филмот. Во овој филм, како и во нивните предходни остварувања, настаните кои се одвиваат се врзани за едно место во кое се прикажуваат традиционалните обележја и обичаи на тамошното население.



Тројца од четворицата актери во овој филм се мошне млади и перспективни. Со оглед на тоа дека темата на филмот е прилично тешка, може да се каже дека тие одлично се справуваат со  улогите кои им се доделени. Филмот, доколку ја ставиме настрана првата сцена, која не трае долго, започнува токму со двајцата млади актери Аурелија Порие (Aurelia Poirier) и Џанго Шревенс (Django Schrevens), за кои набргу дознаваме дека се вљубени еден во друг. По оваа сцена двоецот Бросенс–Вудворт наеднаш нè воведува во главната проблематика во филмот, прикажувајќи ги селаните како се собираат на нивното место за изведување на зимскиот ритуал. Нивното свечено палење на жртвата која се принесува кон персонифицираната зима нема да успее. Поради неуспешниот ритуал зимата ќе продолжи да трае многу подолго од обично, оставајќи ги селаните во агонија и без сознание за крајот на истата.



Реакцијата на природата кон човекот е само повратен ефект од способноста или неспособноста на луѓето инстиктивно да ги насетат нејзините потреби. Нејзината негативна страна е само одговор на човековата негрижа и ароганција. Природата е само пасивен чинител во врската човек-космос-природа, а волјата на човекот, пак, е активен чинител кој е нужен за постоење на каква било форма на живот. Човековата волја може да предизвика и турбуленции во цикличниот процес доколку не се стреми кон хармонијата која исто така е неопходна за опстанок на природниот поредок. Токму тој дисбаланс во природниот поредок, за кој е одговорен човекот, во овој филм е представен на прилично автентичен начин. 


Прекрасните пејсажи пропратени со фар движењата на камерата, кои на моменти се движат по кружна оска, му даваат на филмот лиричен карактер. Добро исконструираната композиција го збогатува филмот, креирајќи простор кој дава можност кадарот да биде исполнет со едно непосредно време. Кај овие засебни сегменти во филмот, кои можат да се посматраат независно од целата негова структура, се забележува влијанието од Тарковски, кого Бросенс и Вудворт го споменуваат како нивна инспирација во веќе споменатотто интервју.



Во „Петтата сезона“ преовладуваат бледите бои, за разлика од нивните предходни проекти. Музиката е искомпонирана од страна на Мишел Шопинг, кој има соработувано и предходно со нив двајца. Мрачните тонови кои ги креира Шопинг со амбиенталниот ноис придонесуваат дополнително за мрачната атмосфера во филмот, а за да се ублажи таквото расположение на моменти помагаат сцените исполнети со црн хумор.

                   Филип Миовски