Wednesday, October 16, 2013

ФФК „Браќа Манаки" 2013 - Перфектна дрога

  

Краткиот филм „Перфектна дрога“ (Perfect Drug) е второ остварување на белгискиот режисер Тун Аертс (Toon Aerts), снимен за белгиската продуцентска компанија Epidemic, а продуциран од страна на Кун Мортиер (Koen Mortier), продуцентот и режисер на Ex Drummer. Директор на фотографија на ова остварување е Николас Каракацанис (Nicolas Karakatsanis). Најпознато остварување на Каракацанис е Bullhead, кој беше номиниран за Оскар за најдобар филм од неанглиско говорно подрачје.



Аертс има дипломирано на филмската школа Sint Lukas во Брисел со краткиот филм Dialing The Devil (2001), а освен овие две остварувањa досега снимил и неколку видео проекти и спотови. Покрај филм, се занимава и со фотографија, а исто така свири бас гитара во гаражниот рок бенд Sha-la-lee’s.

Последното остварување на Аертс досега учествуваше на многу филмски фестивали, а ја имаше и честа да учествува на фестивалот за филмска камера во Битола „Браќа Манаки“, каде што се натпреваруваше во конкуренција за најдобар краток филм. Иако не доби награда на овој фестивал, филмот сепак изобилува со прекрасна фотографија.




Во филмот учествува искусна актерска екипа која и претходно соработувала со Аертс. 
Филмот започнува со тројцата главни актери кои се наоѓаат во автомобил паркиран пред еден мотел. Во автомобилот се наоѓа еден куфер полн со дрога, која не им е позната на доставувачите. Дрогата треба да му ја пренесат на нивниот албански шеф Хасан. Миша не може да се воздржи да не ја проба дрогата, па така отвора една од епруветите, каде што се наоѓа дрогата, и ја испива целата. Од силното дејство на дрогата Миша не може да направи разлика помеѓу ралноста и халуцинантното искуство.




„Перфектна дрога“ е надреален филм снимен во стилот на азискиот екстремен филм. Дури и актерската екипа е сочинета претежно од јапонски актери. Колоритните визуелизации, заматената слика и специјалните ефекти во филмот се многу квалитетно изведени и одлично го доловуваат лошиот психоделичен трип на  Миша. Фуриозната монтажа и движењата на камерата се диктирани од приказната и темпото на филмот, а бруталните сцени во филмот се сочинети со бизарен хумор, кој преовладува во филмот. Психоделичниот стонер рок уште повеќе го потенцира лудилото низ кое поминува главниот лик, но и гледачите на ова неверојатно доживување.

                  Филип Миовски