Wednesday, October 16, 2013

ФФК „Браќа Манаки" 2013 - Часови по хармонија


„Часови по хармонија“ (Harmony Lessons) е дебитантско остварување на казахстанскиот режисер Емир Баигазин. Се работи за филм снимен со германско-казахстанска копродукција, на локации во Казахстан. Како дебитантски филм, се покажа прилично успешен, освојувајќи две награди во Берлин, од кои едната беше Сребрен лав за најголемо уметничко достигнување. Исто така беше и номиниран за Златен лав, натпреварувајќи се во главната програма.



Дејствиото на филмот се одвива во едно рурално место во Казахстан, каде ни е прикажан животот на неколку средношколци. Главниот лик во филмот е Аслан. Тој живее многу сиромашен живот, а во училиштето, пак, постојано е малтретиран од силеџијата Болат. Болат се има поставено како авторитет во училиштето и ги малтретира физички и психички сите ученици кои одбиваат да му плаќаат рекет и да  ги слушаат неговите наредби. Аслан, и покрај сите понижувања и малтретирања од страна на Болат и неговите следбеници, наоѓа сили за да се посвети на неговите домашни научни експерименти во своето слободно време.



Статичните складно искомпонирани кадри, кои бавно градираат, се посебен белег на овој филм. Музиката во филмот речиси и да не е присутна, но затоа по некое време самата атмосфера создава кај гледачот чувство на вакуум, кое му придава дополнителна тензија на филмот. Бавното темпо во филмот полека измачува, па така кај партиципиентот се создава ефект на тегобност кој, пак, е неопходен за да се искуси во целост ова филмско дело. На тој начин, сочувствувајќи со главниот протагонист, овој филм полека станува и наше лично тактилно искуство.


Социјалниот коментар во филмот е мошне очигледен, но затоа, пак, како што се развива филмот, така тој нè воведува во една поопсежна обсервација на реалноста. Постепено одделните настани почнуваат да се обликуваат во една целина, во која станува препознатлив дискурсот на биологистичката филозофија. На неколку места режисерот наместо интерпукциски знаци користи симболи, како мандалата, на пример. Со таквите пресеци уште повеќе ни дава до знаење дека се работи за еден сериозен филм кој потикнува на размислување и по неговото восприемање.

                   Филип Миовски