Tuesday, August 20, 2013

Рецензија - The Place Beyond The Pines

                                     

The Place Beyond The Pines e американска криминалистичка драма режирана од страна на Дерик Шанфранс (Derek Cianfrance). Главните улоги во филмот ги толкуваат Рајан Гослинг, Ева Мендес и Бредли Купер. Покрај главните актери, кастингот во филмот го сочинуваат не толку звучни актерски имиња како, на пример,  актерите Бен Менделсон и Брус Гринвуд. Споменативе, како и останатите актери, вешто со снаоѓаат во своите улоги, а може да се каже дека една од повпечатливете улоги е онаа на Реј Лиота. Музиката за филмот ја компонираше мултиталентираниот композитор и музичар Мајк Патон.


 Филмот опфаќа три приказни кои судбински се поврзани. Дејствието се движи линеарно,  а куриозитет за филмот е што не се користи ретроспективна монтажа, за да се понтецира или за да се потсетат гледачите на некој настан. Овој факт говори за умешноста на сценаристите при извршувањето на својата задача. Имено, еден од сценаристите на филмот е Шанфранс, режисерот на филмот.


Во првата сцена се запознаваме со Лук (Рајан Гослинг). Тој работи во циркус, каде изведува една опасна точка со мотор. По завршувањето на точката тој случајно се среќава со неговата поранешна љубов Ромина (Ева Мендес), на која ќе ѝ понуди превоз до дома. По некое време, потикнат од силните емоции и спомени кои ги имал во минатото со Ромина, тој ќе се упати да ја побара на местото каде што живее таа, а таму се среќава со нејзината мајка која го известува дека Ромина има веќе роден син. Лук во меѓувреме дава отказ на работното место и почнува да крои планови како да им овозможи егзистенција на свото дете и Ромина. Ромина, пак, од неодамна се има венчано со Кофи (Мехершала Али). Излезот од болната и фрустрирачка ситуација Лук во еден миг го насетува во неговото неодамнешно пријателство со Робин, кое му дава еден адреналински шлаг на првата третина од филмот.  Вториот дел од филмот, во кој главниот протагонист е Ејвори (Бредли Купер), ни го доловува корумпираниот свет на полицијата. Ејвори се наоѓа во ситуација каде го засегаат неправедностите и аномалиите во полицискиот систем, принуден од една грешка која ќе ја стори на работното место. Третата приказна се одвива петнаесет години подоцна и ни го прикажува животот на двајца млади деликвенти кои се прогонети од духовите на минатото.


Приказната воThe Place Beyond The Pines, покрај тоа што се занимава со судбините на неколку луѓе прогонети од нивното мрачно минато, ни дава еден непосреден увид на стерилноста и бескомпромисноста на системот. Шанфранс на индиректен начин нè соочува со маните и неможноста на државните институции да ја остварат нивната суштина.  Tој  ни го покажува нивното вистинско, искривено лице. Иако оваа критика на институциите се насетува само како коментар, сепак авторите ја користат за да постават една посуштинска егзистенцијална проблематика која не може да се посматра одвоена од општествено-структуралистичкиот  дискурс. Спиритуалната димензија на филмот се пресекува во неколку точки со предходно изнесеното гледиште, а токму тие точки содржат потенцијали кои им овозможуваат на ликовите свесно да делуваат во одреден ситуации. Овие потенцијали кои се искористени или занемарени ги креираат заемните судбини на ликовите кои се среќаваат.



Освен прецизно искреираните ликови и релации, за овој филм да дава уште пореалистичен впечаток придонесуваат и статистите во филмот. Шанфранс во едно интервју има потенцирано дека на речиси сите локации се искористени луѓе кои функционираат и работат на тие локации каде што се снимало: банкарските службеници, полицајците, учениците и други. Дел од каскадерските сцени се снимани во еден тејк, а некои грешки во нив се искористени како материјал за во филмот. Таков е, на пример, моментот кога каскадерот што го заменува Рајан Гослинг се удира во еден низок ѕид пробувајќи да го заобиколи. Акционите сцени во филмот изгледаат многу реалистично и сите се снимани со камера од рака. Музиката за време на акционите сцени скоро да ја нема или пак е доволно тивка за да допринесе тие сцени да изгледаат пореално. Во останатите сцени, пак, одлично го следи расположението на ликовите и ги доловува нивните внатрешни конфликти и тегоби.


          Филип Миовски