Tuesday, August 20, 2013

Македокс 2013 - „Звукокршач”

                            


     Звукокршач (Soundbraker) e документарен филм за животот и творештвото на телентираниот фински хармоникаш Кимо Похјонен. Филмот е, пред сè, сконцентриран на неговото музицирање и ни го долoвува неговиот уникатен начин на изразување преку модифицираната хармоника. Кимо многу добро го има совладано овој инструмент пред да го пронајде неговиот сопствен стил. Тој свири на  хармоника уште од својата единаесетта година. Неговото студирање на музичка академија на оделот за фолк музика представува еден од клучните моменти за созревање како музичар. Оттогаш Кимо е вклучен во повеќето проекти и соработува со врвни музичари како: Kronos Quartet,  Пет Мастелото и Треј Ган од King Crimson.



          Во музиката на Похјонен симбиозата помеѓу фолкорот и нетипичниот експериментален начин на свирење може да се земе како аналоген процес на процесот на јавување на желбата кај освестениот млад индивидуалец  да ги напушти традиционалните форми на изразување. Кимо ја потенцира оваа мисла во филмот преку една анегдота од која се согледува неговиот искрен и храбар поглед кон затворените и ригидни форми на изразување. Па сепак, отфрлањето на традицијата во овој контекст може да се земе како парадоксален чин затоа што тој сепак продолжува да свири на инструмент кој се смета за фолкорен, но затоа, пак, креира музика која во одредена мера отстапува од нормите на фолкорната музика. Синтезата од овие две гледишта е само уште една потврда за тоа како се воспоставува баланс кога спротивностите по природен пат се совладуваат. Тој баланс лесно се согледува преку дијалектичкиот метод, а се воспоставува  при синтетизирањето на хармонијата и дисхармонијата, за да на крај се постигне една хармонија од повисок степен.


          Колку и да звучи хаотично неговата музика, Кимо ни дава до знаење дека треба да се внимава при притискањето на секоја отсвирена типка. Притискањата треба да бидат што поглатки, а движењето од една на друга типка да наликува на една целина. Издиференцираните звуци и шумови се карактеристични за неговата музика, како и користењето на  дигиталниот пренос на сигнал (digital relay) и доцнењето на звукот (delay). Пред  да настапува, Кимо преснимува звуци од природата, но и од разни машини и механизирани возила. Типот на звуците кои ги користи варираат во зависност од перформансот кој следи. Неговите интерактивни перформанси вклучуваат и актери, балерини и визуализации.

          Режисер на филмот е Кимо Коскела кој овој филм заедно со Похјонен го има работено осум години. Тој го има снимано како настапува, со сите негови проекти, низ разни места на светов. Самиот документарец содржи и елементи на игран филм каде на надреалистичен начин е прикажан контактот на Кимо со инструментот во неизводливи услови. Овие неколку надреални сцени на извонреден начин ја прикажуваат личноста на Кимо. 


                      Филип Миовски