Saturday, June 22, 2013

Македокс 2013 - „Драган Венде-Западен Берлин“




            Добро креираните ликови во некое сценарио може да бидат еден од  главните предуслови за создавање на несекојдневен филм. Оваа забелешка секако дека не важи за документарниот филм, освен ако не се работи за псевдо-документарен филм (мокументарец). Овој поджанр на филмовите во постмодерен манир ни го прикажува процесот на создавање документарен филм. Драган Венде-Западен Берлин е уникатен документарен филм кој само на моменти користи елементи од гореспоменатиот жанр. Вештото комбинирање на овие два жанра, кои навидум органски не се споиви, создава едно несекојдневно визуално искуство кое ретко се гледа. Се разбира, еден ваков филм не би го имал посакуваниот ефект врз гледачот ако не се занимава со автентичните ликови и нивните животни стории.



                Ликовите во Драган Венде наликуваат на некои ликови од филмовите на Скорсезе. Интересно е што по проекцијата на филмот во Куршумли Ан за нив зборуваше и Драган Вaн Петровиќ,  еден од  двајцата режисери на проектот, истакнувајќи дека самите ликови оставиле впечаток како да се ликови од некој филм на Скорсезе или Тарантино. Така, за време на монтирањето на филмот, екипата предводена од младото режисерско дуо одлучува да се сосредоточи на тие ликови кои овозможуваат да се изгради една наративна целина која соодветствува за документарец што се занимава со луѓе од подземјето. Поради таа специфичност, филмот во монтажното студио го добива тој конечен скелет.


                Наратор во филмот, а истовремено и снимател и корежисер на проектот, е Вук Максимовиќ. Вук е, всушност, внук на Драган. Тој нè води низ мемоарите на Драган и неговите пријатели. Тој нè запознава најпрвин со Драган, главниот протагонист во филмот. Драган, пак, е син на гастарбајтер. Младоста ја поминува во западен Берлин во 1970-те и 1980-те работејќи во еден од најпознатите ноќни клубови од тоа време – „New Eden. Бидејќи е роден во тогашна Југославија, тој поседува и југословенски пасош. Југословенскиот пасош во тоа време бил најпривилигиран пасош во цела Европа, па така низ филмот раскажува како ја користел таа повластица  за да заработи пари на лесен начин, шверцувајќи стоки од западен во источен Берлин. Најдобар пријател на Драген е Дуле „Гавран“, експерт за финансиски измами и сомнителни финансиски трансакции. Бил милионер неколку пати, но моментално живее во лоша финансиска ситуација, исто како и Драган кој сега работи како вратар во бордел. Мора да се спомене и таткото на Драган, Миле. Тој е пензиониран гастарбајтер во Германија, кој на времето со доселил заедно со Драган. Миле по пензионирањето се враќа во Југославија каде води мирен живот. Тој доаѓа да го посети Драган, но делува прилично изгубено и разочарано гледајќи како живее неговиот син. Нивната комуникација пред камерата се одвива без воздржување, постојано изговараат пцости во секојдневниот говор и користат досетки. Ваквата  меѓусебна комуникација помеѓу тројцата членови од семејството и помеѓу Дуле и Драган изнудува во големи количества смеа од публиката.


                Присетувањето на Драган и Дуле, како и на останатите нивни пријатели, е проследено со архивски снимки и фотографии кои се измонтирани на мајсторски начин. Заедно со снимките оди диско музика од 1970-те години која совршено одговара за тие монтажни секвенци. Искористени се и материјали од времето на владеењето на Тито во Југославија, во делот од филмот каде што ја глорифицираат неговата моќ и статусот на Југославија во тогашните светски рамки. Во самите секвенци се вметнати и анимирани прикази од мапата на Европа, за – меѓу другото – да им се поедностават тогашните граници на гледачите, а исто така и поделбата на Берлин и Германија на двата блока.
                Филмската екипа (не вклучувајќи ги актерите) предводена од двајцата млади режисери Драган Вон Петровиќ и Лена Милер брои некаде околу дваесетина членови. Синергијата помеѓу нив резултирала со инвентивно филмско дело. Овој филм досега е прикажан на девет филмски фестивали, вклучувајќи го фестивалот Makedox, а досега има освоено пет награди. Можеби ќе ја добие шестата награда токму на овој фестивал: останува да видиме. Без разлика колку награди ќе земе, овој филм ќе остане пример за тоа како треба да се сними документарен филм кој останува во колективната меморија подолго време.


                   Филип Миовски