Tuesday, April 30, 2013

Рецензија - Во куќата (In The House)

                                                   

                 Франсоа Озон (Francois Ozon), кој се има докажано како успешен режисер на дузина трилери и комедии, потпирајќи се на своето искуство, минатата година сними филм кој успешно се поигрува со жанровските обрасци. Во куќата е филм адаптиран по представата на Хуан Мајорга (Juan Mayorga). Главните улоги во филмот ги играат: Ернст Умауер, Роберт Лукини, Кристин Скот Томас и поранешната свршеница на Роман Полански, која има играно во неколку негови филмови, Емануел Сенер.


                Двајцата главни ликови во филмот, кои воедно се и главните генератори и двигатели на повеќето конфликти во филмот, се талентираниот ученик Клод Гарсија (Ернст Умауер) и неговиот учител Жерман (Роберт Лукини). Жерман, кој работи како професор по француски јазик, прегледувајќи ги расказите од своите ученици, кои им ги задал како задача, ќе биде заинтригиран од еден расказ кој се одвојува од другите. Тоа е расказот на Клод. Клод многу живописно раскажува како го поминал денот кај неговиот пријател Рафа, подучувајќи го математика. Расказот не го завршува туку навестува само дека продолжува понатаму. Поради незавршениот мистериозен расказ, Жерман на следното видување со Клод ќе му соопшти дека смета дека е талентиран за пишување, па ќе му сугерира да ја доврши започнатата приказна. Клод ќе се согласи на тоа, а за возврат ќе добива совети за пишување од ентузијастички расположениот професор.


                Брзото темпо на одвивањена настаните во приказната е резултат од навлегувањето на Клод во интимниот живот во семејството на Рафа, па така филмот станува сè повозбудлив.  Портреирањето на стереотипите од средната и високата француска класа е успешно изведено, а употребата на тие стереотипи служи и како корелат на жанровските стереотипи, кои Озон ги користи за да предизвика ефект на изненадување. Овој ефект е во функција на подржувањето на тензијата во филмот, но на моменти и за да ја намали тензијата. Сепак, покрај користењето на драматуршките елементи за развивање на тензијата во филмот, Озон на моменти се подсмева на некои драматуршки ситуации кои самиот ги создал.   

                    Филип Миовски