Thursday, February 14, 2013

Рецензија - Berberian Sound Studio


                Од филмскота компанија Warp Films, која е под закрила на Warp Records, ни доаѓа уште едно ново авторско филмско дело. Warp Films се попознати меѓу филмската публика по шокерите (македонски термин за хорор филмови кои изобилуваат со експлицитни сцени на насилство): Kill List, Snowtwon, како и по вознемирувачката драма Тyrannosaur. Заедничко за овие филмови, и за Warp Films воопшто, е што се правени со помали буџети, а филмските средства, потребни за доловувањето на реалистичниот впечаток, се многу вешто и инвентивно употребени. Таков е случајот и со Berberian Sound Studio, каде што адекватно на приказната и со вештото користење на филмскиот јазик многу добро е доловена потребната атмосфера.

                Berberian Sound Studio e oмаж на италијанските хорори од седумдесеттите. Сижето на филмот е следното: Гилдерој (Тоби Џоунс) e аудио дизајнер, кој од Англија, патува до едно студио во Италија, каде што треба да се снима Giallо филм. Предходно Гилдерој има работено  детски серии, а сега е соочен со реалноста дека мора да работи на хорор филм, и тоа далеку од дома. Нервозниот продуцент и арогантниот режисер постојано го доведуваат во ситуација на напнатост. Отуѓеноста и морничавата атмосфера на потребните звуци за филмот полека почнуваат да го доведуваат во лошо расположение и психичко растројство, а Гилдерој се обидува да се соочи со сето тоа.  
  
                   Целиот филм е сниман во ентериери, а најчесто дејствието се одвива во пост-продукциско студио за аудио инженеринг. Седумдесеттите години на минатитот век беспрекорно се доловени благодарение на избраната локација и старите костими. Во голем степен е искористено атмосферското светло кое му го дава потребниот штимунг на филмот, а крупните планови и деталите се исто така често употребени. Глумата е на задоволително ниво,  Тоби Џоунс (Toby Jones) e совршено избран лик за улогата. Одлично го доловува лошо расположение и чувство на осаменост на ликот кој, всушност, многу малку говори во филмот.

                Тоа што го оддржува цврсто и еластично ткивото на филмот е мистериозната атмосфера. Стравичните звуци кои ги произведуваат глумците во глувата соба, преработени преку машините и миксерите, создаваат чувство на непријатност кај главниот лик, како и кај гледачот. Потребата за идентификација со главниот лик е вешто изведена, за да може да нè понесе магијата на филмот. Содржина на филмот од еден момент имплодира во самата себеси, за полека да прерасне во метафизичи ужас, а окултното во филмот тлее на површината, доволно за да нè држи напнати и во неизвесност. 
               Филип Миовски